Даниел Кајмакоски со успешен настап на најголемиот промотивен настан за Евровизија

21.04.2015 11:24

Седмото издание на „Eurovision in concert“ се одржа во клубот Мелквег, кадешто Даниел настапи пред 1.500 фанови, кои му ја дадоа целосната поддршка...

Македонскиот Евровизиски претставник, Даниел Кајмакоски изминатиов викенд престојуваше во холандската метропола Амстердам, кадешто зема учество на најголемиот евровизиски промотивен настан. 

Седмото издание на „Eurovision in concert“ се одржа во клубот Мелквег, кадешто Даниел настапи пред 1.500 фанови, кои му ја дадоа целосната поддршка.

„Чувството е прекрасно кога имаш можност да ја претставиш песната во живо пред толку многу Евровизиски фанови, а тие да ја пејат со тебе од почеток до крај. Навистина сум задоволен и полека почнувам да ја чувствувам таа позитивна евровизиска возбуда“, изјави Даниел Кајмакоски.

Домаќини на концертот беа Едзилиа Ромбли, која ја претставуваше Холандија на Евровизија во 1998-та и 2007-мата година и Корналд Мас, Холандски коментатор за Евровизија повеќе од 20 години.

Како специјални гости на настанот настапија и Бобисокс од Норвешка, коишто победија на Евровизија далечната 1985-та година, а Даниел имаше можност да се запознае и со Гети Каспер, победничка за Холандија на Евровизија во 1975-тата година.

Пред концертот сите 24 учесници беа претставени пред присутните интернационални медиуми, по што следуваа бројни интервјуа за најпопуларните евровизиски веб страници, но и Холандски, Германски, Белгиски и специјализирани музички канали од цела Европа.

Eurovision in concert е настан поддржан од ЕБУ, учеството на претставниците е забележано од официјалната евровизиска веб страница eurovision.tv, а нашиот евровизиски претставник доби огромно медиумско внимание.  Честитки беа упатени и до тимот на Даниел Кајмакоски за успешната промотивна кампања и за наградната игра којашто им овозможува на евровизиските фанови да освојат патување во Виена и билет за Првото Евровизиско Полуфинале.

Во агендата на промотивната турнеја на Даниел Кајмакоски е запишан уште еден голем евровизиски настан – гала забава во Москва, кадешто нашиот евровизиски претставник ќе настапи во петок, на 25-ти април.