Средба Коѕиас- Кери во Вашингтон
Грција и САД се партнери и НАТО сојузници, но билатералните односи во последно време се нарушени поради грчките врски со Русија, па американскиот државен секретар Џон Кери го потсети својот грчки колега Никос Коѕиас дека треба да го поддржат ставот на САД кон Украина. Официјален Вашингтон исто така не е задоволен поради ослободувањето на грчкиот терорист убиец на американскиот дипломат, којшто е во бегство...

Економската криза е предизвик за Грција, но убедени сме дека американско-грчкото партнерство ќе остане силно со почитување на нашата поддршка за Украина. Потребно е да ја обесхрабриме Русија на секој начин за да го почитува Договорот од Минск што ќе донесе мир во регионот, изјави државниот секретар Џон Кери по средбата со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас во Вашингтон. Американскиот државен секретар побарал од грчкиот шеф на дипломатијата, Атина да го лоцира и уапси локалниот терорист убиец на американскиот дипломат, којшто беше пуштен дома од затвор за празник и оттогаш е во бегство.
„Нашите заеднички напори за контратероризам ќе бидат важни и во иднина. Очигледно, многу сме загрижени поради оние коишто извршиле терористичко дело да бидат осудени и да останат осудени. Се надевам дека можеме да работиме заедно на сите политички прашања, бидејќи нашите односи се важни“, изјави американскиот државен секретар, Џон Кери.
„Се надевам дека нашите односи ќе се продлабочат и ќе најдеме нов подвиг во соработката. Мислам дека можеме да бидеме сигурни дека новиот закон во Грција за затворениците нема да пушта терористи на слобода. Тоа ќе биде тест за притворувањето и никој нема да биде ослободен“, рече Никос Коѕиас, грчки министер за надворешни работи.
Енергетската независност од Русија биле тема на разговорите меѓу Кери и Коѕиас. Грчкиот министер за надворешни работи при првата посета на Вашингтон имаше средба со националниот советник за безбедност во Белата куќа Сузан Рајс и со конгресмени и сенатори поддржувачи на Грција.
Во петок, грчкиот министер за надворешни работи ќе има средба во Њујорк со Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-Мун и со посредникот Метју Нимиц.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
