Брисел со нови мерки против милионскиот бран бегалци

21.04.2015 11:33

Продолжува бегалската трагедија на Медитеранот што предизвика црвена тревога во Европската Унија. Најавениот милионски бран бегалци од Либија ќе се запира со нови мерки на Брисел што вклучуваат засилување на морските операции и активно вклучување на Фронтекс и Европол...

Пред напливот на мигранти, Европската Комисија донесе акциски план со 10 точки за да ја олесни емигрантската криза. Приоритет е да се спречи загубата на човечки животи во Медитеранот - се зајакнуваат операциите Тритон и Посејдон во рамките на агенцијата за менаџирање на граници ФРОНТЕКС. Во акцијата се вклучуваат Европол, Евроџаст и ЕАСО за размена на информации за криумчарите на емигранти.

„Бараме од институциите хуманитарен коридор што ќе им овозможи на мигрантите да побегнат од војната, гладот и страдањето, да стигнат до Европската унија која стана како тврдина“, изјави Алесио, демонстрант од Италија.

Со потенцијалните баратели на азил ќе се разговара и пред да се качат на бродовите кои често ги носат во смрт. За тие што ќе стапнат на европска почва, во Италија, Грција и во Малта ќе се воспостави Европска канцеларија за азилантска поддршка која ќе им помогне во процесуирањето – ќе се земаат отпечатоци, по што земјите членки би направиле правилна распределба на товарот. Тие што нема да добијат азилантски статус, ќе бидат итно враќани од територијата на Унијата.  Инаку, ноќеска 28-темина преживеани од најголемиот бродолом на мигранти во Средоземното Море пристигнаа на копно, во Сицилија. Тие се единствените што се спасија од околу 800 патници.

„Ги уапсивме двајцата криумчари, капетанот на бродот и член на екипажот“, соопшти Роко Лигуори, јавен обвинител.

Трагедијата не ги разубедува мигрантите – еден милион само од Либија веќе патува кон Средоземното Море, со цел да влезе во Европа. За мерките за справување со мигрантската криза дополнително ќе се разговара на итниот и вонреден самит на шефови на држави и влади на земјите членки в четврток.

 

Ивана Салтировска