МВР: Терористичка група од Косово ја нападна караулата во кумановско Гошинце
Групата која броела 40-тина лица, ноќеска во 2 часот и 30 минути ја нападнала карулата Гошинце, при што биле заробени четворица полициски службеници кои во моментот биле дежурни во караулата...

Ноќеска терористичка група од Косово извршила напад врз полициската станица во кумановско Гошинце, потврдија од МВР. Групата која броела 40-тина лица, во 2 часот и 30 минути ја нападнала карулата Гошинце, при што биле заробени четворица полициски службеници кои во моментот биле дежурни во караулата.
Како што соопшти МВР, лицата биле добро вооружени и носеле маскирни униформи со ознака на УЧК, а меѓу себе комуницирале на албански јазик. Имале и преведувач, а целиот настан го снимиле. Напаѓачите ги разоружиле и тројца од нив ги врзале со лисици, а почнале да удираат еден од полициските службеници.
„Лицето кое што ја предводело групата, на албански јазик преку преведувач кој говорел на лош македонски со србизми им се обратил на врзаните полицајци: „Ние сме од УЧК и пренесете на сите дека ниту Ахмети, ниту Груевски не може да ве спаси. Ние сакаме наша држава и не сакаме никакви Охридски договори, повеќе никој не смее да дојде нагоре. Доколку вас или било кој друг фатиме повторно сите ќе ве ликвидираме“, рече помошник министерот за односи со јавност на МВР, Иво Котевски.
Според првичните сознанија на МВР, станува збор за лица од Косово, но дополнително се преземаат мерки за обезбедување на соодветни докази.
