Сушево за израмнување, Струмица за 2:0
Струмица го совлада Сушево пред своја публика, па противникот е пред императив во денешното соочување во салата „Гоце Делчев“. Со триумф, бранителот на трофејот ќе се доближи на чекор до ново крунисување, а и ќе има психолошка предност пред саботното финале во купот...

Петте сета на првиот натпревар најавија неизвесна финална серија во разигрувањето во машкиот одбојкарски шампионат на Македонија. Струмица го совлада Сушево пред своја публика, па противникот е пред императив во денешното соочување во салата „Гоце Делчев“. Со триумф, бранителот на трофејот ќе се доближи на чекор до ново крунисување, а и ќе има психолошка предност пред саботното финале во купот.
Во него Струмица ќе се обиде да ја освои првата титула во оваа сезона, а со тоа да најави дека ќе го повтори ланското остварување кога беше крунисана двапати. Сушево има поскромна историја, за разлика од локалниот ривал нема пехар во своите витрини, но во првото соочување борбениот состав покажа дека е подготвен да даде силен отпор.
Дали македонскиот трикратен првак ќе ја потврди фаворитската улога во финалната серија од разигрувањето, ќе видиме на Собранскиот сервис на МРТ од 19 часот.
