Реал и Атлетико во “битката за Мадрид“ за место во големата четворка во ЛШ

22.04.2015 14:44

Тогаш Реал ја освои “Ла десима“ и стана првиот во историјата со двоцифрен број европски титули, иако Атлетико имаше водство се до 3 минута од судиското надополнување. Ако тоа беше битка за европскиот трон, овојпат е пресметка за Мадрид а премијата е место во европската четворка. Оттогаш во 7 меѓусебни соочувања, Атлетико победи на 4 а ниту еднаш не загуби...

Единаесет месеци по минатогодишното финале во Лисабон, ждрепката ги спои мадридските ривали во 1 /4 финалето. Тогаш Реал ја освои “Ла десима“ и стана првиот во историјата со двоцифрен број европски титули, иако Атлетико имаше водство се до 3 минута од судиското надополнување. Ако тоа беше битка за европскиот трон, овојпат е пресметка за Мадрид а премијата е место во европската четворка. Оттогаш во 7 меѓусебни соочувања, Атлетико победи на 4 а ниту еднаш не загуби. Пред минатонеделното реми без голови ги доби двата меча во “Ла лига“ за првпат по 64 сезони, го освои Супер купот и го елиминира ривалот во Кралскиот куп. Во историјата, освен ланската имало само една европска пресметка и тоа полуфинална пред 56 сезони, кога согласно тогашните пропозиции решавал трет меч на неутрален терен и Реал победил со гол на Пушкаш.

Вечерашниот меч им е вкупно 203 во сите конкуренции, а досега “Кралевите“ имаат 103 победи наспроти 50 на “Јорганџиите“. Реал е меѓу 8 најдобри по 5 пат едноподруго, а претходните 4 сезони секогаш ја минуваше оваа фаза. Имаа одлична серија од 11 домашни победи која ја прекина Шалке во претходната рунда со победата од 3:4 што беше прв пораз на свој терен по 2011, кога загубија од Барселона со 0:2. Сепак, од рака им оди што во 22 меча кога на гости играле нерешено, имаат само една елиминација од Спартак Москва во 1991 година, а во сите седум кога првиот меч одиграле 0:0 биле вкупни победници.

Атлетико е по 7 пат во оваа фаза, која 4 пати успевал да ја мине. Имаат 7 победи и 5 порази во шпанските пресметки, вклучувајќи ја минатогодишната полуфинална кога ја елиминираа Барселона. Нивен адут е сигурната игра на гости во ЛШ во кои остварија 5 победи и само 2 пораза во последните 10 натпревари. Исто така досега никогаш не биле елиминирани кога дома одиграле 0:0 во првиот меч, во што последно се увери Челзи минатата сезона.

Предводниците од клупата со меѓусебни комплименти. Анчелоти е во обид да стане прв тренер во историјата со 4 титули има проблеми со повредите на Модрич, Бејл и Бензема како и казнетиот Марсело, но истакнува дека тоа не го загрижува. Најважно е да се заборават неодамнешните порази и да се истакне индивидуалниот талент на тимот со брз и напаѓачки фудбал. Атлетико не му е опсесија на Реал, едноставно целта е полуфинале и одбрана на трофејот. Симеоне признава дека ривалот има поквалитетни поединци, но ја потенцира борбеноста како адут на неговиот состав. Бара и поддршка од публиката која ќе биде во малцинство на “Сантијаго Бернабеу“ и ветува меч со максимален интензитет. Битката за Мадрид  на европскиот шампион против шпанскиот и дефилето на мега ѕвездите во двата тима е најдобра покана за преносот на МРТ1 од 20.40 часот, во рамките на студиската програма која почнува од 20.15 часот. Истовремено со мечот Реал – Атлетико на “Луј 2“ Монако го пречекува Јувентус, каде што италијанскиот првак ќе стартува со предноста од 1:0 од Торино.