Состанок на министрите за надворешни работи во Брдо кај Крањ

23.04.2015 13:23

Денеска во Брдо кај Крањ се одржува состанок на министрите за надворешни работи од Западен Балкан и неколку европски држави. Учествува и шефот на дипломатијата Никола Попоски. Главна цел на иницијативата е европската перспектива на земјите Од Западен Балкан да биде конкретизирана и да се поврзат со заедничкиот економски и политички простор на Унијата...

Во тек е втората сесија на која главна тема е регионалната соработка особено поврзана со реконструкцијата и заздравувањето на државите кои беа зафатени со поплави. Шефовите на дипломатиите ќе ја разгледаат таканаречената Позитивна агенда за младите од Западен Балкан. Меѓу другото, и опциите на оваа категорија граѓани за студирање во земјите членки на Унијата преку стипендии, но и промовирање на можностите за вработување во својата држава а не во странство.

Како би се остварило ова последново, ќе видиме во заклучоците. Неформалниот собир почна со дел во кој учесниците на Брдо Процесот разменија информации за борбата против тероризмот, вклучително и радикализацијата и регрутирањето на странски борци. Посебно внимание дадоа на безбедноста на регионите кои граничат со Унијата и сѐ позачестените бродски несреќи со нелегалните мигранти.

 Домаќини на форумот се министрите за надворешни на Словенија и Франција, Карл Ерјавец и Лоран Фабиус. На неформалниот состанок учествуваат шефовите на дипломатиите од државите на поранешна Југославија, и Албанија, Австрија, Италија. Овде е и Еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан. По завршувањето на работниот дел, најавени се билатерални средби.

Брдо Процесот беше инициран во 2010-тата од Словенија и Хрватска, преку регионална соработка да се истакне важноста на што поскоро зачленување на Земјите од Западен Балкан во ЕУ. Низ годините на оваа неформална иницијатива, поддршка дадоа и други европски членки, како и претставници на администрацијата во Брисел.  Потврда за тоа е присуството на високите гости денеска.

 

Душко Арсовски, специјален известувач од Словенија за МРТ