Лига на шампионите, 1/4-финале, реванш-натпрецвари

Реал и Јувентус последни во полуфиналниот квартет

23.04.2015 14:24

„Душекчиите“ цврсто се бранеа, но по исклучувањето на Туран не можеа докрај да одолеат на „Бернабеу“. Лани стигнаа до пред врвот, овој пат беа запрени порано...

Реал конечно го урна Атлетико во осмиот, но најважен меѓусебен двобој на мадридските ривали сезонава и го сочува сонот да стане првиот тим којшто ќе ја  одбрани на европската круна во Лигата на шампионите. Наспроти доминацијата и неискористените шанси на „кралскиот клуб“, четвртфиналниот реванш изгледаше заглавен во нови 0-0 се до две минути пред крајот, кога Роналдо му овозможи на Чичарито да постигне гол во елитната конкуренција по пауза од 895 дена. 

„Ова ни беше клучен натпревар сезонава. Првиот меч ни даде доверба, а по овој сонуваме за ново финале. Ќе се обидеме да ги освоиме се што можеме до крајот. Кога сме жестоки, многу сме опасни. Секој меч ни е тест, овој успешно го минавме“, изјави Карло Анчелоти, дополнувајќи дека Реал може против секој од другите полуфиналисти и оти со нетрпение чека иста фантастична атмосфера и во наредната фаза.

„Горд сум на моите играчи. Како дете ме учеа дека ако дадеш се од себе и загубиш, можеш дома да си одиш среќен. По ваклво издание на мојот тим, не можам да имам негативни чувства“, рече тренерот на Атлетико Диего Симеоне, честитајќи му на Реал за одличниот гол.

12 години Јувентус чекаше и дочека пак да биде во најдобрата четворка. Ја одбрани минималната предност од 1-0 од Торино и со реми без голови на реваншот го исфрли Монако. Со квалитетно дефанзивно издание налик на неговиот противник, калчо-првакот се справи со невообичаено напаѓачкиот настап на тимот од Кнежевството, којшто стори се, но не успеа да одговори на победничкиот императив. Финалето од 2004 останува највисок дострел на Монако, додека Јуве се повеќе ги оживува спомените од фантастичните остварувања во средината на деведесеттите на минатиот век.

„Ова се знаци дека повторно станува голем европски тим. Не се плашам од никого во полуфиналето. Ќе играме против некој од најдобрите и тоа ќе ни биде многу возбудлив предизвик“, порача тренерот на „бјанконерите“ Масимилјано Алегри.

Леонардо Жардим не ја криеше разочараноста што Монако на двата меча не беше инфериорен во однос на Јуве, а сепак испадна. „По оваа одлична сезона ќе мора да ги промениме целите и да осигураме дека и в година ќе играме во Европа“, рече тренерот на Монако.

Ждрепката за полуфиналето на шампионската лига е в петок.