Одбележан Светскиот ден на книгата
Оддавајќи и почит на книгата, и оддаваме почит на цивилизацијата. На Светскиот ден на книгата и авторското право, Народната и универзитетска библиотека со заедничка програма во соработка со 10 странски културни центри...

Историјата на пишаниот збор ја сублимира и синтетизира колективната и индивидуалната меморија на човештвото. Силата на зборот, од мугрите на цивилизацијата наваму е фундаментот врз кој почива човековата перцепција за себе и светот кој го опкружува- рече Иван Заров директорот на Народната универзитетска библиотека, на Светскиот ден на книгата.
Генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, во нејзината порака истакна дека книгите имаат фундаментална улога. Во светот има 175 милиони млади луѓе кои не знаат ниту да читаат, ниту да пишуваат. Примарно, УНЕСКО се заложува да ги мобилизира технолошките можности за информирање и комуникација, а да ја развива писменоста и да овозможи квалитетно образование.
На македонските простори, на кои се вкрстувале цивилизациите и империите, книгата останала незаменлив монумент на историјата и мост на поврзувањето на вековите. Ниту телевизијата, ниту еден друг воспитен и образовен инструмент, не можат да го заменат читањето на книгата, рече академикот Луан Старова.
Александра Перевска
