Фудбал

Друловиќ селектор на Македонија

23.04.2015 18:11

Друловиќ имаше солидна играчка кариера, важи за талентиран стручњак, но допрва треба да гради вистински успеси како тренер иако со репрезентација на Србија за фудбалери до 19 години беше европски шампион во 2013-та...

Во главната конкуренција беа странски стручњаци, а меѓу нив Фудбалската федерација на Македонија го избра Љубинко Друловиќ. 46 - годишниот српски стратег ќе ја предводи македонската репрезентација. Помалиот број години не му беа хендикеп на Друловиќ во однос на сонародникот Милован Рајевац, а веројатно и неговите финансиски услови биле поприфатливи за Управниот одбор на ФФМ.  

Друловиќ имаше солидна играчка кариера, важи за талентиран стручњак, но допрва треба да гради вистински успеси како тренер иако со репрезентација на Србија за фудбалери до 19 години беше европски шампион во 2013-та.

Најдобрите сезони Друловиќ ги одигра во Португалија кадешто со Порто пет пати ја освојуваше титулата, а четирипати националниот куп. За Југославија, Друловиќ одигра 38 меча и постигна 3 гола. Како тренер, покрај Туризенсе, Банат, Драва, Примеро де Агосто и младата селекција, Друловиќ ја предводеше и сениорската репрезентација на Србија и тоа на четири пријателски натпревари.

Во ФФМ, веруваат во квалитетите на Друловиќ и сметаат дека во текот на двеиполгодишниот договор новиот селектор ќе ги крене стандардите на работа и со стручниот штаб ќе направи компактен тим во којшто поедниците ќе бидат во функција на колективот.

За интернет страницата на ФФМ, Друловиќ изјави дека му е голема чест, но и одговорност што ќе биде селектор на Македонија. Ќе направи се и ќе вложи максимален труд за да ги оправда очекувањата. Друловиќ вели дека ова ќе биде голем предизвик, дека никој не може да гарантира успех, но може да вети многу работа.

Друловиќ кој ќе го наследи Бошко Ѓуровски ќе биде 12-ти селектор на Македонија,  четврти странски стручњак по Сантраќ, Катанец и Тошак и на клупата на нашата репрезентација ќе дебитира на 14 јуни на гостувањето во Словачка во квалификациите за Европското првенство во 2016-та година. Промоцијата на Друловиќ ќе биде во вторник.