САД: Со економија до лидерство во светот

24.04.2015 08:44

Соединетите Американски Држави постигнаа надпартиски консензус за склучување на трговски договори со европските и азиските држави, што ќе создаде и поголем економски раст и работни места. Америка сака да ја врати улогата на лидер во светот преку економијата, со што ќе се зголеми стабилноста во светот...

Соединетите Американски Држави преку трговските договори со партнерите во Европа и Азија, гледаат можност за враќање ан лидерската улога во светот. Договорите за слободна трговија со Европската Унија и со седум азиски држави, ќе придонесе за зголемен економски раст, нови работни места и поголема безбедност во светот.

„Во модерниот свет не можеме да очекуваме нашите економии да растат и создаваат нови работни места, ако само купуваме и продаваме на себеси. Тоа не функционира. Трговијата е генератор на работни места“, изјави американскиот државен секретар, Џон Кери.

Новите трговски договори со Европа и Азија ќе го кренат нивото на стандардите при економската соработка. 

„Трговијата што ќе ги поврзе нашите сојузници и партнери коишто произведуваат 3/4 од светскиот бруто домашен производ, ќе отвори пазари и ќе постави стандарди за трговска размена, најпрво во Азија, најбрзо растечкиот регион во светот, а потоа и во Европа кај нашите сојузници“, вели Керолајн Аткинсон, заменик советник за национална безбедност и економски прашања во Бела куќа.

11,7 милиони работни места во Америка се директно поврзани со трговските договори. 90% од американскиот извоз е во странските држави. Официјален Вашингтон ќе ја ребалансира надворешната политика во правец на подобрување на економската соработка со сојузниците и пријателските држави.

Според САД, поголемиот економски раст и трговската размена ќе ја зголеми безбедноста во светот.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ