ЕУ: Да се разбие илегалната миграција

24.04.2015 12:38

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск изјави дека државите од ЕУ треба да покажат „вистинска солидарност“ и да бидат подготвени да ги „жртвуваат националните интереси“...

Лидерите на Европската Унија на вонреден состанок договорија да го спречуваат бранот илегални имигранти преку „разбивање на шверцерски мрежи, изведување виновници пред суд, запленување имот и уништување на бродови пред да се користат за трговија со луѓе“.

Според шефовите на држави или влади на ЕУ тоа ќе биде направено со заедничко дејствување на воено-полициски и судски органи на Унијата како и со „зголемување на разузнавачката и полициска соработка со трети држави“. Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск изјави дека државите од ЕУ треба да покажат „вистинска солидарност“ и да бидат подготвени да ги „жртвуваат националните интереси“. 

„Мерките секако ќе бидат во согласност со меѓународното право и почитувањето на човековите права. Ние ќе ја зајакнеме соработката против шверцерските мрежи работејќи со Европол и преку имплементирање на службеници во пасошка контрола во трети земји. Мисијата ќе продолжи да го спроведува својот мандат и ќе одговара на повиците за помош онаму каде што е потребно. Лидерите ветија значително поголема поддршка која опфаќа повеќе авиони, бродови, експерти и пари“, изјави претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

„Буџетот за операцијата „Тритон“ за спасување на бегалците кои пристигнуваат во Италија и во Малта е зголемен на 120 милиони евра што соодветствува на сумата одвоена во минатото за мисијата „Маре Нострум“, додаде претседателот на Европската комисија, Жан Колд Јункер.

Британија понуди три воени бродови и хеликоптери во борбата против растечкиот бран имигранти, а Франција најави два брода и еден авион за Медитеранот. Европските лидери ќе ја зголемуваат помошта и за Тунис, Египет, Судан, Мали и Нигер за подобро надгледување на границите, бреговите и пристаништата.

Многумина се согласуваат дека клучно за спречувањето на ваквите човечки трагедии е отстранувањето на причините на илегалната миграција и шверцот со луѓе.

Самитот беше свикан откако повеќе од 800 мигранти се удавија во близина на брегот на Либија во последните неколку денови. Се претпоставува дека од почетокот на годинава повеќе од 35 илјади луѓе пристигнале во Европа од Африка.

Марина Автовска