Фудбал

Полуфинална „класика“

24.04.2015 13:59

„Брзата“ жрепка во Нион ги насочи еден на друг, последните четворица големи јавачи за Берлин на финалето од Лигата на шампионите. Барселона - Баерн Минхен ќе е првиот голем полуфинален хит...

Барселона-Баерн Минхен и Јувентус-Реал Мадрид. Страшно полуфинале! „Брзата“ жрепка во Нион ги насочи еден на друг, последните четворица големи јавачи за Берлин на финалето од Лигата на шампионите. Барселона - Баерн Минхен ќе е првиот голем полуфинален хит. Баерн 16-ти пат е дел од завршниот европски квартет, Барселона има едно полуфинално учество помалку. Последен пат патиштата им се вкрстија во пролетта во 2013-та година. Баварскиот гигант со победите од 3:0 и 4:0 и ја нанесе најтешката резултатска катастрофа на Барселона. Дебакл, кој не може лесно да се заборави,кој неминовно ќе ја внесе и одмазничката димензија во претстојните жестоки, истребувачки дуели.

Јувентус-Реал Мадрид исто така е надигрување кое е во редот на фудбалската класика..Јувентус после 12 години се крена до овие завидни европски височини. Последен пат во 2003-та беше полуфиналист и токму против Кралскиот клуб ја биеше битката за финалето, која успеа да ја добие! Реал Мадрид пролетва не блеска, но и натаму е на курсот на одбрана на европската круна. Имаше ли Реал и малку среќа во редоследот на топчињата на денешното извлекување во Нион? Светската фудбалска јавност одговорот ќе го добие на 5 и 6 мај кога ќе се играат првите натпревари во Барселона и Торино и реваншите една седмица подоцна, на 12 и 13 мај.

Претходница на двојките од Лигата на шампионите беше извлекувањето за полуфиналето на Лигата на Европа.Бранителот на минатогодишниот трофеј Севилја налета на Фиорентина. Пречката на Наполи на патот за финалето во Варшава е Дњипро. Термините за одигрување се 7 и 14-ти мај.

Лига на шампиони- полуфинале:

Барселона-Баерн Минхен  5 и 13-ти мај

Јувентус-Реал Мадрид       6 и 12-ти мај

Лига на Европа-полуфинале: 7 и 14-ти мај

Наполи-Дњипро

Севилја-Фиорентина