Презентирани резултатите од конкурсот за откуп на драмски текстови
Делата се големо освежување во македонскиот драмски израз – оценуваат членовите на комисијата...

Драмските текстови „Хенгинг Араунд“ од Љупчо Јованов, „Бегство“ на актерот и автор на драмски текстови Рефет Абази и „Шест дена работи, седмиот одмарај“ на драматургот и автор на драмски текстови и сценарија Весна Куслеска, годинава ќе ги откупи Министерството за култура. Делата се големо освежување во македонскиот драмски израз – оценуваат членовите на комисијата.
„Станува збор за приказна за двајца ликови кои по некоја случајност навлегуваат во светот на бајките и се обидуваат да излезат од тој свет, а во исто време да го уништат ако можат“, вели Љупчо Јованов, автор на драмскиот текст „Бегство“.
Избраните текстови на овој конкурс што ќе бидат промовирани во јуни годинава на 50. јубилејно издание на Театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ ќе се публикуваат во печатено издание преку кое ќе станат достапни до сите заинтересирани театарски установи, продуценти, режисери и уметници кои понатаму би ги поставиле делата.
„Имавме можност да констатираме една вистинска македонска драмска револуција, бидејќи во тие 51 дело откривме нови хоризонти, нова реторика, нови зборови“, нагласи Јордан Плевнеш, член на комисијата.
Со објавените конкурси се збогатува националниот фонд на дела, се поттикнува домашното творештво и се афирмираат авторите – смета министерката за култура.
„Наскоро ќе имаме можност да ја проследиме и премиерата на овие дела во некоја од нашите национални институции“, рече Елизабета Канческа-Милевска, министерка за култура.
Авторите посочија дека драмското творештво во Македонија е во подем од година на година. Од Министерството велат дека ќе им се даде шанса на сите кои се обидуваат да се постават на македонското театарско небо.
Александра Перевска
