Во ПССЕ потпишана Декларација „Осуда на недемократскиот обид за преземање на власта во Македонија“

24.04.2015 16:12

Во Парламентарното собрание на Советот на Европа, 49 пратеници од 21 европска земја и од 4-те политички групи ја потпишале писмената декларација за „Осуда на недемократскиот обид за преземање на власта во Македонија“...

„Ние ја поддржуваме итеграцијата на Македонија во Европската унија и во НАТО и сметаме дека евроатланската интеграција е заедничка одговорност и на Владата и на опозициските партии. Сметаме дека македонските парламентарни избори беа слободни и фер, според извештаите на ОБСЕ и изјавата на Парламентарното собрание на Советот на Европа“, се вели во Декларацијата.

Во неа потписниците ги осудуваат, како што се наведува, „заканите од претседателот на СДСМ Зоран Заев упатени до премиерот Никола Груевски и вмешаноста на странските тајни служби во нелегалното прислушување на телефонските разговори на највисоките политички претставници во Македонија“.

Потписниците бараат обновување на политичкиот дијалог и одговорно однесување на опозицијата, вклучително и враќањето на опозициските пратеници во Парламентот, како и слободни и независни судски процеси, спроведени по највисоки европски стандарди во транспарентна постапка.

Педро Аграмунт еден од потписниците на декларацијата, вели:

Ние сме многу загрижени поради ситуацијата во која опозицијата не сака да заседава во Парламентот. Тоа е нешто кое никогаш не треба да се прави. Во демократијата тоа е најлошото нешто. Бидејќи ние сме избрани да работиме како парламентарци. Сите акции треба да се водат во Парламентот, опозицијата има право да каже сé, но во Парламентот. Бојкотирањето на парламентот е бојкот на демократијата.

Декларација ги обврзува само нејзините потписници, но споед нивниот број 49, од 21 земја и од 4-те политички групи на ПССЕ, доволно зборува за пораката што сака да се упати од Стразбур: Опозицијата треба да се врати во Парламентот , бидејќи бојкотот е лош за демократијата.

 

Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ