Нестабилност во државата носи поразителни резултати во економијата
Нестабилноста во државата може да има поразителни ефекти врз стопанството. По гувернерот Богов и домашниот бизнис алармираше на последиците. Неизвесните политички случувања ги одвраќаат бизнисмените од намерата да инвестираат во нови деловни потфати...

Актуелните случувања во политиката би можеле да се пренесат и на бизнисот. Секоја нестабилност во државата може да има поразителни резултати и врз економијата, смета претседателката на Сојузот на стопанските комори. Проектите ќе останат во фиоките и никој нема да пристапи кон развојните компоненти, а тоа директно ќе влијае и на прогнозираниот економски раст од 4,1 процент.
„Не е добро да има политичка нестабилност во државата, и нормално не би сакале да бидеме тие кои ќе ги видат резултатите негативни во периодот којшто следи. Најважно е дека проектите ќе останат во фиоките и никој нема да пристапи кон развојните компоненти“, вели Данела Арсовска, претседател на ССК.
Првиот човек на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Владо Камбовски очекува да продолжи нормалното функционирање на институциите .
„Да работиме на реформирање на целокупниот систем, не само институции, право, економија, па со текот на тие реформи да обезбедиме еден стабилен демократски систем“, смета претседателот на МАНУ, Владо Камбовски.
МАНУ и ССК го потпишаа меморандумот кој треба да обезбеди стабилна економска иднина. Соработката ќе биде насочена кон значајните сектори енергетика, инженерство, градежништво.
Се очекува искуството на врвните академици во корелација со претприемничката иницијатива на бизнис заедницата да помогне во решавање на предизвиците.
Дијана Ценевска
