Заев бара повлекување на обвиненијата во случајот „Пуч“
Лидерот на СДСМ достави до Јавното обвинителство доказен материјал со кој, како што тврди, нема основа за случаите Шпионажа и Поткуп. Тој побара од обвинителството повлекување на обвиненијата тврдејќи дека аферите се конструирани од власта. ВМРО- ДПМНЕ во допис до јавноста вели дека ова е празен и несериозен обид Заев да се оправда за криминали во кои е заглавен...

СДСМ до јавното обвинителство достави над 10 илјади страници доказен материјал, за како што рече Заев, конструираните случаи „Пуч“ и „Поткуп“. Тие содржат повеќе од 100 илјади разговори и над 18 илјади СМС пораки.
Има и материјални докази за тоа кои телефонски броеви биле таргет и кои конкретни оператори, според Заев го вршеле прислушувањето. Според него, немало докази за извршено насилство врз највисоките државни органи, ниту шпионажа. Побара од обвинителството прекинување на постапката за кривично гонење.
„Неколку пати кажуваме,од луѓе патриоти,кои што работат или работеле во МВР,се доставени материјалите до СДСМ.Дали тие партиоти се можеби Верушевски,Лазаревски и Костовски кои, исто така, се осомничени во ,,Пуч“? Повеќе луѓе се патриоти,ќе дојде време кога нивното име ќе биде обелоденето.Ќе видите во кои моменти ќе се реализираат тие сценарија,зборувам за внимателни сценарија во интерес на граѓаните на Р.Македонија“, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Изјавата на Заев е само празен и несериозен обид да се оправда за финансиско-коруптивните криминали и за аферата„Пуч“ во кои е до гуша заглавен, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.
„Не е суштината во тоа дали ќе се поднесат 1.000 или 2.000 страници хартија, туку дали тие имаат или немаат правна основа и аргументација. За случаите кои се водат пред надлежните институции против Зоран Заев постојат непобитни докази, факти, признанија и правни аргументи. Креираните материјали кои заев очајно се обидува да ги прикаже како докази, се нелегално прибавени, преку противзаконско прислушување кое го спроведувале неговите соработници на чело со Зоран Верушевски, а во соработка со странски служби. Тоа им е јасно на сите граѓани. Ова е факт кој Зоран Заев со ниту една монтажа или манипулација не може да го побие. Првото тврдење на Заев кое беше главен столб на кој го потпираа своето сценарио, дека Груевски и Мијалков, прислушувале им пропадна. Сите видоа дека е лага и дека всушност државниот врв е прислушуван. Затоа Заев се обидува да си пронајде нова патека за да излезе од калта во која е заглибан“, стои во дописот од владејачката партија.
Заев ја нема поддршката од граѓаните, па со конструкции и манипулации продолжува со како што стои во соопштението, деструктивното сценарио за дестабилизација и преку тензии и поттикнување насилство,само да дојде на власт. Сценариото е прочитано, а граѓаните политички ќе му пресудат, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Милчо Велески
