Разорен земјотрес во Непал, расте бројот на загинати

25.04.2015 18:33

Разорниот земјотрес со интензитет од 7,9 степени по Рихтер срамни речиси се. Жителите се во паника и стравуваат за своите животи, бидејќи непалското тло се уште се тресе...

Страотна слика во Непал, повеќе од 800-ни луѓе загинаа, не се знае бројот на повредените, ниту колку луѓе се заробени под урнатините. Разорниот земјотрес со интензитет од 7,9 степени по Рихтер срамни речиси се.  Жителите се во паника и стравуваат за своите животи, бидејќи непалското тло се уште се тресе. Националното радио ги повика жителите да останат присебни и да излезат надвор од домовите.   Поголемиот дел од куќите се урнати, мобилните и телефонските мрежи се во прекин, спасувачките екипи не можат да им ја пружат потребната помош на сите повредени. Се прават импровизирани болници за прва помош.

„Епицентарот на земјотресот беше во на 80 километри источно од Покхаре, но потоа огромен број потеси се почувствуваа во целиот регион. Неможам да кажам точно колку се загинати бидејќи нивниот број постојано расте“, вели министерот Минедра Рија.

Од јачината на земјотресот се урнала кулата Дхархара, обележје на главниот град Катманду и споменик заштитен од УНЕСКО. Се стравува дека под урнатините има 50-тина затрупани.  

Земјотресот силно се почувствувал и во соседните Индија и Пакистан. Владата во Њу Делхи потврди дека 38-мина се загинати. Површински бранови забележале дури и сеизмолозите во Норвешка.

Земјотресот бил почувствуван и предизвикал лавина на Монт Еверест – каде осуммина алпинисти го загубија животот. Прва понуди помош Индија, која испрати спасувачки тимови во Непал, но и во своите погодени региони.

 

Марија Петковска