Започна Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола
Додека делови од светот се занимаваат со војни и други глупости ние од Битола ќе ви покажеме еден специфичен вид на уметност, порача претседателот на меѓународното жири и познат руски актер, Јуриј Назаров, пред почетокот на фестивалот на кој во официјална конкуренција ќе настапат 11 монодрами од десетина земји...

Претставата „Животот на Молиер“ во режија на Александар Поповски, а во изведба на МНТ, синоќа го отвори 17-тото издание на Интернационалниот фестивал на монодрамата. Жанрот што го нуди единствената манифестација од ваков вид во земјава е предизвик и за актерот и за публиката.
„Иако е со еден човек, квалитената монодрама може да долови впечаток на претстава по квалитет како да ја игра голем театарски ансабал“, вели посетителот проф. д-р Борче Ангелковски.
„Монодрамата се потпира на кваклитетот на самиот актер и убавината е во тоа што тој треба да вложи голема енергија за да ја постигне целта“, вели битолскиот адвокат, вљубеник во театарот, Антонио Димитровски.
Од денеска стартува официјалниот натпреварувачки дел. За четири денови на трите сцени ќе бидат одиграни 11 монодрами од десетина земји. Селекторот на фестивалот вели дека тоа е еден широк спектар на претстави во кој се застапени светски познатите автори. Радува фактот што од година во година се зголемува бројот на македонските монодрами.
„Годинава ние имаме три претстави што е вистинска реткост, и една фестивалска премиера тоа е „Милениум Трманс“ на Игор Трпчевски, по текст на Благој Ристевски- Платнар“, рече селекторот Петар Мирчевски.
За највисоката награда гран- при ќе одлучува меѓународното жири предводено од познатиот руски актер, Јуриј Назаров.
„Додека во делови од светот се војува и се прават други глупости, ние ќе ви испратеме љубов преку еден специфичен вид на уметност“, рече првиот човек на меѓународното жири, познатиот руски актер Јуриј Назаров.
Порака која се совпаѓа со битолската космоплотитска душа. Со тахов дух и во чест на наградените со урнебесната комедија „Не се клади на Енглези“, во режија на Синиша Ефтимов, во вторник ќе биде затворен годинешниов фестивал на монодрамата.
Стевче Митревски
