Состојбата во Непал станува подраматична

26.04.2015 17:25

По силниот земјотрес вчера, додека спасувачите ги вадеа затрупаните тела, нов земјотрес во Непал. Постојано расте бројот на загинати и повредени...

Состојбата во Непал е сѐ подраматична. Тлото се уште се тресе. По првичниот разорен земјотрес од 7,8 степени по Рихтер, денеска нов од 6,7 степени. Сликата во Непал е страотна. Повеќе од 6,6 милиони жители се погодени од земјотресот. Главниот град Катманду речиси е срамнет со земја. Урнатини, прав и затрупани тела има насекаде. Луѓето со голи раце се обидуваат да дојдат до затрупаните. Повредените се лекуваат во импровизирани болници.

„Ногата ми е скршена, а повредена ми е и главата. Гледате каква е состојбата. Не знам каде е татко ми, ве молам помогнете ми“, вели жител на Катманду.

Според последните податоци, загинале повеќе од 2.200 луѓе, повеќе од 4.000 се повредени, но за жал бројот на повредените и загинатите постојано расте. Не се знае ниту бројот на затрупаните. Луѓето се во паника. Ноќта ја минале под отворено небо и во импровизирани шатори.  

„Ноќта ја минавме под отворено небо. Немаме никакви услови. Немаме вода, ниту храна. Се плашам за мојата безбедност“, вели една жителка.

Спасувачките екипи успеале да дојдат до двата табора на Монт Еверест, и успеале да спасат повеќе од 1.000 луѓе. Во земјотресот загинаа и голем број туристи. Според последните податоци, еден од нив е и извршниот директор на Гугл.

Хуманитарна помош од повеќе земји

Несреќата ги обединува луѓето. Хуманитарна помош за настраданите почна да пристигнува од сите земји. Индија испарти 43 тони храна и 200 спасувачи. Руското министерство за вонредни состојби испрати два авиона со спасувачи. САД најавија помош за владата во Непал. Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун најави масовна акција за помош.

„Она што го слушнавме од медиумите навистина не потресе. Има голем број жртви, но и луѓе на кои во моментов им треба помош. Мора да им помогнеме“, вели Томас Лакман, директор на невладина организација од Германија.

Владата во Непал вчера прогласи вонредна состојба и побара меѓународна помош во борбата со катастрофата. За оваа сиромашна земја на која главен приход за заработка и е туризмот, и годишно ја посетуваат половина милион туристи, по несреќата ќе се соочи и со финансиски проблеми.

Марија Петковска