Расте бројот на настрадани во земјотресот во Непал

27.04.2015 13:13

Властите предупредуваат дека конечниот број на жртви кој расте од час во час ќе зависи од состојбата во загрозените планински села до кои се обидуваат да стигнат спасувачките екипи...

Според последните податоци бројот на загинати во катастрофалниот земјотрес што во саботата го погоди Непал се искачи на 3.700 лица. Властите предупредуваат дека конечниот број на жртви кој расте од час во час ќе зависи од состојбата во загрозените планински села до кои се обидуваат да стигнат спасувачките екипи.

Во Катманду којшто е и најпогоден почнаа да пристигнуваат меѓународни спасувачки тимови како и хуманитарна помош за погодените. Во официјалното соопштение на властите се наведува дека само во Непал животот го загубиле околу 3.200 луѓе. Главниот град е под урнатини, а десетици илјади граѓани ја минале ноќта во импровизирани шатори. Состојбата во земјата е влошена поради прекинот на електричната енергија и телефонските мрежи.

„Овде сум во последните три дена. Минатата ноќ врнеше. Ужасно е за сите, најмногу за децата. Ги повикавме властите на помош. Рекоа дека доаѓаат, но никој не се појави“, вели жител на Катманду.

Според потпаролот на непалската полиција Камал во природната катастрофа се повредени се 6.505 лица. Најмногу настрадани има во престолнината Катманду, каде што бројот на загинати  изнесува 808 луѓе, а повредени се 2.400. Потресот беше почуствуван и во северните држави на Индија, каде загинаа 60 и повредени се 250 лица, а исто беше регистриран и во Бангладеш и Мјанмар.

„Потребна ни е храна и облека за погодените и навистина ни е потребна опрема. Потребни ни се булдожери и кранови бидејќи има уште многу луѓе внатре. Мора да ги извлечеме телата оттаму.“

„Извлековме 13 тела од зградата, а спасивме шестмина. Претпоставуваме дека уште 13 или 14 тела се под урнатините.“

Во спасувачката акција на 150 планинари кои во саботата останаа блокирани во два кампа на Монт Еверест поради лавина предизвикана од земјотресот се испратени три хеликоптери. Се верува дека планинарите не се сериозно повредени и се наоѓаат во базниот камп.

Во медиумите се појави снимка од моментот кога лавината стигнала до кампот на планинарите. Властите предупредуваат дека планинарењето оваа година можеби воопшто нема да биде продолжено поради лавините.

Речиси 6.000 луѓе беа повредени во земјотресот кој е најлошиот земјотрес што ја погодил таа сиромашна јужноазиска земја во последните 80 години.

 

Марина Автовска