Кливленд и Вашингтон максимално, Далас “преживеа“, а ЛА Клиперс израмни против шампионот

27.04.2015 13:54

Меѓу четирите на истокот е и Вашингтон, по четвртата победа над Торонто со 125 : 94. "Волшебниците“ првпат минуваат едно коло во две едноподруго сезони по 1979 кога дојдоа до финалето, откако ја освоија титулата...

Екипите на Кливленд и Вашингтон експресно се пласираа во полуфиналето на Источната конференција од НБА лигата. “Коњаниците“ славеа и на второто гостување во Бостон со 101 : 93 и го “збришаа“ најтрофејниот тим во историјата по 4 дуели. Својот прв постсезонски прогрес по 5 години го остварија предводени од повратникот Леброн Џејмс кој беше лидер со 27 поени, 10 скокови и 8 асистенции, а Ирвинг, Мозгов и Шамперт имаа “дабл дабл“ ефект. Во полуфиналето го очекуваат победникот од серијата меѓу Чикаго и Милвоки, во која "биковите" водат со 3 : 1. Меѓу четирите на истокот е и Вашингтон, по четвртата победа над Торонто со 125 : 94. "Волшебниците“ првпат минуваат едно коло во две едноподруго сезони по 1979 кога дојдоа до финалето, откако ја освоија титулата. Имаа 16 разлика на полувремето, 32 по третата четвртина што придонесе до крајот да им го наполнат кошот на Канаѓаните. Полјакот Гортат со 21 поен и 11 скокови беше во елемент, а младиот Бил и ветеранот Пирс постигнаа 7 од рекордните 15 тројки во историјата на клубот. Вашингтон одморен ќе го чека следниот ривал, победникот од дуелот Атланта - Бруклин, во кој тимот на Перо Антиќ води со 2 : 1. 

Далас дури во четвртиот меч се израдува против Хјустон со 121 : 109. Елис со 31 поен беше најефикасен, но одлична партија имаше Бареа со 17 поени и 13 асистенции. Во својот прв старт по финалната серија во шампионската 2011 порториканецот беше одново таличен, придружуван од нигериецот Амину со 16 поени и 12 скока. Гостите имаа тројца играчи со над 20 поени, но имаа и 14 скокови помалку од Далас. Хјустон води со 3 : 1 и во следниот меч на домашен паркет ќе ја брка решавачката победа.  Во меѓувреме ЛА Клиперс израмни во пресметките со Сан Антонио по гостинската победа од 114 : 105. Пол со 34 поени и Грифин со 20 поени и 19 скокови беа во елемент и му вратија на шампионот за поразот во вториот меч. 26 поена на Ленард и 22 поена и 14 скокови на Данкан не беа доволни, па бранителот на титулата ќе мора да оди на нов "брејк" во следниот меч во Стејплс центарот.