Меркел на удар поради шпионска афера

27.04.2015 14:26

Германската канцеларка Ангела Меркел и нејзиниот кабинет се најдоа на удар на критиките на опозицијата, но и на социјалдемократите што се на власт. Тие очекуваат објаснување за обидите на американската разузнавачка служба да ги шпионира европските фирми преку германската Сојузна разузнавачка служба, пренесува Танјуг...

Генералната секретарка на Социјалдемократската партија Јасмин Фахими за Шпигел-онлајн изјавила дека обвинувањата мора внимателно и сеопфатно да се разјаснат и дека скандалот достигнува нова димензија.

Социјалдемократите, како што пренесува Шпигел, сметаат дека Канцеларската служба  е многу оптоварена и затоа сакаат да го прошират фокусот на работата на парламентарната комисија на Бундестагот за истрагата на случајот. Фехими смета дека овој пат е во прашање и кредибилитетот на Меркел, додека пак опозициската Партија на зелените смета дека Меркел е директно одговорна зашто Сојузната разузнавачка служба (БНД) е директно под нејзина надлежност.

Според сознанија на германските и на европските медиуми, повеќе години наназад во име на НСА, германските разузнавачи ги шпионирале европските политичари, компаниите и менаџерите, со оглед на спогодбата меѓу нив за борба против тероризмот потпишана во 2002 година.

Портпаролот на германската влада Штефен Зајберт кусо изјавил дека станува збор за технички и организациски  пропусти и дека владата и наложила на БНД веднаш да го поправи тоа.

 

Соња Стојановска