Непал: Бројот на загинати во катастрофалниот земјотрес надмина 3.700
Бројот на загинати во катастрофалниот земјотрес во Непал надмина 3.700. Состојбата во земјата е влошена и поради прекинот во снабдување со струја, а не функционираат ниту телекомуникациските врски. УНИЦЕФ апелира за помош затоа што се загрозени близу милион деца. Во Катманду почна да пристигнувата спасувачки екипи и хуманитарна помош...

Со молба кон небото, трагедијата која ја доживеаја да не се повтори, со страв и паника, жителите на Непал го живеат третиот ден по разорниот земјотрес, кој за миг, како кула од карти урна сѐ. Катманду денеска наликува на сцена од хорор филм. Жителите се гладни, немаат питка вода, немаат покрив над главата, во паника ги бараат најблиските кои ги изгубиле. Дождовите и заразите се нова закана.
„Сите членови на моето семејство се под урнтините... Спасувачите се обидуваат да стигнат до нив“, вели жител на Катаманду.
Бројот на загинати и повредени постојано расте. Според последните податоци повеќе од 3.700 го загубиле животот, над 6.000 се повредени. Владата апелира за помош.
„Неопходна ни е меѓународна помош. На населението му треба храна, вода, облека. Потребна ни е и механизација за полесно да стигнеме до затрупаниете. Има многу мртви тела кои не можеме да ги извадиме“, изјави Бахадур Гурунг, министер за труд.
Земјите од цел свет несебично почнаа да донираат хуманитарна помош. УНИЦЕФ соопшти дека милион деца се наоѓаат загрозени. Хеликоптери го надлетуваат целиот регион и доставуваат се што им е најнеопходно на настарданите.
Во спасувачката акција на 150 планинари кои во саботата останаа блокирани во два кампа на Монт Еверест поради лавина предизвикана од земјотресот се испратени три хеликоптери.
Се верува дека планинарите не се сериозно повредени и се наоѓаат во базниот камп. Властите предупредуваат дека планинарењето оваа година можеби воопшто нема да биде продолжено поради лавините.
Марија Петковска
