Премиерно прикажан долгометражниот документарец „Сведоци-Австралија“

27.04.2015 16:09

Долгометражниот документарен филм „Сведоци-Австралија“ во режија на Марија Џиџева денеска премиерно беше прикажан во Кинотеката на Македонија. Реализацијата на филмот е дел од проектот за „Евидентирање, фотографирање, снимање и архивирање на видеоматеријали и разговори со Македонците протерани од Егејска Македонија во 20 век...

Треиот дел од долгометражниот филм „Сведоци-Австралија“ е автентично сведоштво за тешката судбина и личната драма на децата бегалци од граѓанската војна во Грција, кои иако го продолжија животниот пат во Австралија, не ја заборавија  родната грутка.

Првиот дел од трилогијата содржеше 427 интервјуа. Во минатата година беше заокружен и вториот дел од овој циклус во кој беа содржани преку 90 интервјуа снимени во Канада. Во третиот дел од проектот „Бегалци“ беа реализирани 128 потресни приказни од нашите Македонци, велат историчарите.

Непроценлива е вредноста на овој документ кој ќе ја сочува нашата колективна меморија за идните генерации, документ кој го потврдува нашиот легитимитет како нација  која ја почитува и валоризира историјата, рече министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска.

Да не се заборави историјата, односно минатото на македонскиот народ. Паметејќи го минатото, всушност ја создаваме нашата иднина- рече директорката на Кинотеката на Македонија.

Во втората половина на годинава ќе биде прикажан и четвртиот дел од документарниот филм, кој беше сниман низ Европа.

 

Александра Перевска