САД: Расте бројот на мигранти

28.04.2015 09:25

Бројот на илегалци во Соединетите Американски Држави секоја година се зголемува, и покрај зголемениот број на гранични агенти и контрола на границите. Американските власти почнуваат да користат нови методи за спречување на нелегалните влегувања и престоите преку дозволеното со издадените визи...

Соединетите Американски Држави трошат седумпати повеќе на граничната контрола отколку во 1986-та или речиси половина од буџетот наменет за федералните агенции. Сепак, бројот на илегалци коишто пристигнуваат во Америка е се поголем. На одредени делови од границата кон Мексико е поставена ограда за спречување на илегалните влегувања. Голем број на гранични агенти се распоредени долж границата со Канада. Се користат и современи методи на набљудување со беспилотни летала и камери. 

„Најпрво, важна е информацијата. Колку однапред имаме информација за луѓе коишто сакаат да влезат во земјата, толку ќе бидеме поподготвени да ги запреме. Второ, не е важно само дали бројката на илегалци се намалува или зголемува, треба да се гледа подлабоко во податоците за илегалните влегувања во минатото и да работиме на поинаков начин од претходно. Трето, важно за зголемување на безбедноста на границата е зголемување на свеста за ситуацијата“, вели Мајкл Фишер, шеф на американската царина и гранична заштита.

Најголем број на илегалци се луѓе коишто пристигнале легално во Америка со виза, но останале во земјата по истекувањето на визата. Меѓу нив најмногу се студенти, но има и криминалци и екстремисти поврзани со терористички групи. Американската федерална агенција Хоумленд Секјурити формирана по терористичките напади во 2001-та, денеска има најмногу вработени коишто работат на граничната заштита.

„Искрено, многу училишта не сакаат да им јават на властите за студентите коишто не се веќе студенти или не ги исполнуваат условите за студентска виза. Причината е што за некои училишта, странските студенти се добри за финансиите и не сакаат негативен углед, а за некои пак причината е политичка, односно ставот кон имиграцијата. Во двата случаи за зголемување на безбедноста и намалување на приливот на илегалци, мораме да работиме подобро на спречувањето на престоите преку дозволеното“, вели Мајкл Чертоф, поранешен секретар на федералната агенција Хоумленд Секјурити.

Од 1980-та, американските власти собираат информации за сите влегувања во земјата, но јавно не се откриваат мерките за заштита на границата.

Секоја година неколку десетици илегалци умираат во планините и пустините на САД, и затоа американските власти ќе ги засилат мерките за заштита на границата.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ