Непал: Осум милиони луѓе погодени од земјотресот-над четири и пол илјади загинати

28.04.2015 12:10

Властите на Непал проценуваат дека бројот на загинати може да надмине и 10.000. Продолжува евакуацијата на алпинистите од Монт Еверест...

Приближно осум милиони луѓе се погодени од разорниот земјотрес во Непал, а има над четири и пол загинати, соопштуваат ОН. Властите на Непал проценуваат дека бројот на загинати може да надмине и 10.000. Продолжува евакуацијата на алпинистите од Монт Еверест.

Премиерот на Непал, Сусхил Корирала за Ројтерст изјавил дека бројот на мртви може да достигне и до 10.000. Тој наредил интензивирање на напорите за спасување и побарал помош со лекови и шатори, јавува Танјуг. Војската обезбедила вода, храна и други намирници за најоддалечените краишта погодени од земјотресот. Во селските подрачја погодено е речиси 90% од населението кое  остана без домови и стока и сега не може да се прехрани. Властите велат дека е многу тешко да се стигне до непристапните планински села зашто патиштата се пресечени, а ветерот и дождот го оневозможуваат слетувањето на хеликоптер.

Непал се соочува со хуманитарна криза со 10.000 бездомници кои живеат без вода за пиење и канализација. Помош стигнува од странство но со потешкотии поради малиот аеродром во главниот град Катманду. Четири индиски авиони со спасувачи и помош се вратиле во Њу Делхи. ОН соопштуваат дека ќе издвојат 15 милиони долари за итна помош за настраданите во Непал. Повеќе хуманитарни групи ќе обезбедуваат засолништа, здравствени услуги и друга помош.

Алпинистите што беа блокирани во камповите на Монт Еверест поради лавините со хеликоптер се пренесени во базен камп. Половина од шаторите на Монт Еверест се уништен од лавина која во саботата усмрти помеѓу 17 и 22 планинари.

Соња Стојановска