Непал: Бројот на загинати во земјотресот може да достигне 10.000

28.04.2015 13:49

Бројката на загинати рапидно расте. Според последните информации, животот го загубиле повеќе од 4.400 луѓе, над 8.000 се повредени...

Осум милиони непалци се загрозени. 1,5 милиони имаат потреба од храна и вода по разорниот земјотрес кој во саботата направи пустош во земјата, соопштија претставници на Обединетите Нации.

„Немаме вода за пиење, ноќите се многу тешки за сите. Гладни сме, а владата не ни помага“, вели жител на Катманду.

Бројката на загинати рапидно расте. Според последните информации, животот го загубиле повеќе од 4.400 луѓе, над 8.000 се повредени, но премиерот стравува дека може да се искачи до 10 илјади, кога спасувачките екипи ќе стигнат до селата кои во моментот се непроодни. Прогласена е тридневна жалост.

„Владата нареди загинатите да ги  кремираме, многу е голем бројот на жртвите и  тоа може да предизвика заразни болести“, вели жител на Катманду.

Луѓето ноќите ги минуваат под отворено небо стравувајќи од нови потреси. Нема основни услови за живот. Болниците се претесни да ги згрижат повредените. Лекарите оперираат во импровизирани простории.

„Се плашам за здравјето на моите деца, нема вода, може да се разболеме. Сакам да си одам одовде се плашам од епидемии.“

Меѓународните организации се подготвуваат за голема акција во регионот. Индија, Кина, Пакистан, САД, Германија и голем број други земји испратија хуманитарна помош и механизација за помош на настраданите.

Земјотресот го погоди и туризмот. Храмовите кои беа под заштита на УНЕСКО и главна атракција на Катманду, се речиси целосно уништени.

 

Марија Петковска