Друловиќ има визија!
Иако не зависи од него, Друловиќ ќе разговара и со Пандев, не се откажува од можноста и во речиси загубените квалификации за Европското првенство, нашата селекција да оствари резултати, цел му е репрезентативците да ја разберат неговата филозофија којашто се базира на модерниот португалски фудбал...

Во ситуација кога треба да ја оживува репрезентацијата, Љубинко Друловиќ препознава квалитет во македонскиот фудбал и има визија, во спротивно не би го прифатил селекторскиот предизвик којшто му претставува голема чест и одговорност.
„Ќе направам се репрезентацијата да игра добро и да има резултати коишто се мерило во фудбалот. Некогаш можете да играте добро, но најважно е да направите резултати коишто во минатиот период не беа добри. Мислам дека Македонија има квалитет и дека може и мора да игра добро. Се надевам дека со првиот меч ќе покажеме дека одиме по вистинскиот пат, пред се со мотивот и желбата секогаш да дадеме максимум и јас и играчите. Тимскиот дух и хемијата се најважни кога е во прашање националната селекција“, изјави Друловиќ на денешната промоција.
Иако не зависи од него, Друловиќ ќе разговара и со Пандев, не се откажува од можноста и во речиси загубените квалификации за Европското првенство, нашата селекција да оствари резултати, цел му е репрезентативците да ја разберат неговата филозофија којашто се базира на модерниот португалски фудбал каде што го градеше најуспешниот дел од играчката кариера.
„Најмногу преферирам и сакам да играм 4-2-3-1, тоа е некој основен систем од којшто почнувам, но и којшто зависи и од карактеристиките на фудбалерите. Македонија има надворешни играчи како Ибраими и Трајковски кои се подготвени да играат во тој систем и да бидат опасни. Но, најважно е да сме тимски силни“, рече Друловиќ на прес конференцијата.
Португалецот Луис Диого Кампос и тренерот на Работнички, Игор Ангеловски ќе бидат први асистенти на Друловиќ, од кого се очекува на кусок рок, барем да ја врати Македонија онаму од кадешто го почна овој циклус, на четвртото место.
„Од Љубинко Друловиќ кој беше најдобар тренер во Србија во 2013-та и истата година беше Европски шампион со У19, добивме уверување дека целосно и беспрекорно ќе се вложи себеси, се со цел да има напредок и развој на македонската репрезентација. Веруваме дека со посветеноста, професионалноста и стручноста, нашиот нов селектор ќе ги крене стандардите на работа и ќе донесе позитивен резултат“, го образложи изборот на Друловиќ, Претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.
Друловиќ не ветува инстант успех, туку сериозна работа, но не се откажува од позитивен резултат и на дебито на клупата на Македонија на гостувањето на 14 јуни без разлика што Словачка е голем фаворит.
