Тензично во САД: Националната гарда се распореди во Балтимор
Изгорени автомобили и згради, ранети полицајци, ограбени бизниси... училиштата се затворени, улиците не се безбедни за децата. Прогласена е вонредна состојба на американска почва, активирана е Националната гарда, вооружена со боева муниција...

Американска војска се распоредува во нова конфликтна зона – Балтимор, на само еден час возење од главниот град на САД, Вашингтон. Изгорени автомобили и згради, ранети полицајци, ограбени бизниси... училиштата се затворени, улиците не се безбедни за децата. Прогласена е вонредна состојба на американска почва, активирана е Националната гарда, вооружена со боева муниција.
„Воена состојба значи дека војската ја презема целосната контрола. Уште не сме дојдени до таму. Овде сме како поддршка од полицијата и ќе добиваме упатства од нив“, изјави Мајор генерал Линда Синг, Национална гарда на Мериленд.
Градот се запали по уште еден чин на полициска бруталност. По погребот на 25-годишниот афроамериканец Фреди Греј, кој почина од повреда на ’рбетот, после една недела во кома, протестите прераснаа во насилство. 1.000 припадници на националната гарда очекуваат засилување до 5.000, оклопни возила и полициски час во сила. Семејството на Фреди Греј бара од демонстрантите да не го вртат фокусот од нивната потрага по правда.
„Ме боли, но не го сакам ова. Сакам правда за син ми, но не и ова. Не уништувајте го целиот град поради него, тоа е погрешно“, вели Глорија Дарден, мајка на Фреди Греј.
Случајот е под истрага, а шестмина полицајци се суспендирани. По зачестените убиства на афроамериканци од бели полицајци, човековите права се на сериозен тест во САД: колку лесно силите на редот го повлекуваат орозот кога од другата страна стои припадник на другата заедница и дали одговорноста лежи во поединецот или во системот. До сега пред порота излезе само полицаецот Дарен Вилсон – беше ослободен за убиството на Мајкл Браун во Фергусон.
Ивана Салтировска
