За митот на непобедливост и за 200 милиони долари
Флојд Мејведер и Мани Пакјао в недела изутрина ќе боксуваат за обединување на светската круна во велтер категорија во четирите боксерски верзии: ВБА, ВБЦ, ВБО и Ринг. Никогаш досега во историјата на боксот еден меч во пониските категории не предизвикувал толкаво внимание на светската спортска јавност...

Американскиот боксер Флојд Мејведер конечно одговори на прашањето, толку често во последно време поставувано: Колку ќе изнесува неговата заработувачка од „мечот на столетието“ против Филипинецот Мани Пакјао? На прес конференцијата во Лас Вегас, Мејведер откри дека очекува заработувачка од 200 милиони американски долари! Тоа ќе е рекордна заработувачка на еден спортист од само едно излегување на борилиштето.
Флојд Мејведер и Мани Пакјао в недела изутрина ќе боксуваат за обединување на светската круна во велтер категорија во четирите боксерски верзии: ВБА, ВБЦ, ВБО и Ринг. Никогаш досега во историјата на боксот еден меч во пониските категории не предизвикувал толкаво внимание на светската спортска јавност.
Ракавиците ќе ги вкрстат најдобрите „велтераши“ на денешницата, двајца легендарни боксери. Флојд Мејведер, кој според „Форбс“ е спортистот со најголема заработувачка од над 400 милиони долари, сеуште е непоразен во рингот! Од 47-те досегашни мечеви, во 26 успеа да ги нокаутира своите противници.
Пакјао е „поискусен“: тој има 57 победи во кариерата, пет пати одбоксувал нерешено, а доживеал два пораза. Речиси пет години боксерските промотори неуспешно се обидуваа да ги насочат еден на друг овие двајца легендарни мајстори во рингот.
Кога се чинеше дека ќе остане вечна мистерија кој е подобриот, мечот беше закажан. Во пресрет на битката во „МГМ Гранд Арената“ во Лас Вегас боксерската треска деновиве кулминира.
Цената на влезните билети „на црно“ со секој нов ден вртоглаво се зголемува. Историскиот меч меѓу Мејведер и Пакјао ќе се одржи во претстојниот викенд, во ноќта меѓу сабота и недела во 3.30 часот по средноевропско време.
