Незадоволство од политиките: Се бара конкретна акција за драмата со мигрантите во ЕУ

29.04.2015 13:37

Дебата за мигрантите во Европарламентот. Се бара конкретна акција за да се спречат давењата на мигранти во Средоземното Море. Европарламентот со години бара од членките на Унијата да преземат дел од одговорноста, во согласност со бројот на населението од најпоплавените земји. Дел од европратениците, поддржани од НВО, изразија незадоволство од европската политика во однос на драмата што се случува со мигрантите на границите....

Одговорот на Европската унија на драмата со мигрантите, не задоволува никого. Посебно не невладиноте организации кои работат на згрижување на мигрантите.

Стотина лица се собраа пред Европскиот парламент во Стразбур за да оддадат почит на мигрантите кои загинаа неодамна во Средоземното море.

Ние сме изморени, европските граѓани се изморени со барањата да се почитуваат човековите права во Европа. Ова е неиздржливо“, вели една учесничка на собирот.

Пред зградата на Европскиот парламент беше послана листа на која беа напишани имињата на 17.603 имигранти кои ги загубија животите во обид да дојдат во Европа. На кои треба да му се додат уште имињата на 1.700 мигранти загинати во првите четири месеци од годинава.

Учесниците на собирот ја повикаа Европската Унија да води понаква миграциска политика со „отворање на легални патишта за барателите на азил“ и со „обврска за пружање на помош на море“.

„Не на Европа тврдина, ние сме за европска Маре нострум“, изјави Марин-Кристин Вергиа европратеничка од Обединетата европска левица.

Претседстелот на Европската комисија исто како и европратениците се свесни дека она што сега го прави ЕУ за мигрантите е недоволно и дека е потребно да се преиспита темелно европската политика за легалната миграција.

„Ургентно е да се погрижеме за прашањата со легалната миграција. Ако не ја подотвориме врата за влез, не треба да бидеме изненадени ако несреќните од целиот сцет влезат на недозволен начин преку прозорец. Потребно е да се отворат врата за да не се влегува преку прозорец“, рече Жан-Клод Јункер, претседател на ЕК.

Годинава, според Меѓународната поморска организација, Средоземното море теоретски ќе го преминат скоро половина милион мигранти. Европската Унија е осудена да се справува колку што може и како што умее со овој проблем, бидејќи човечките драми на мигрантите на кои бевме сведоци и во Македонија се неподносливи.

 

Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ