Хуманитарна катастрофа по земјотресот во Непал

29.04.2015 16:02

Нова опасност ги демне жителите на Катманду. Гладот и жедта го направија своето. Полицијата мора да ги спречува судирите бидејќи снемува залихи од се...

Непал се соочува со хуманитарна катастрофа. Нова опасност ги демне жителите на Катманду. Гладот и жедта го направија своето. Полицијата мора да ги спречува судирите бидејќи снемува залихи од се.  Спасувачките тимови кои пристигнуваат од целиот све се во борба со најголемиот непријател-времето. Иако по 82-часа од разорниот земјотрес шансите за наоѓање преживеани се се помали, извлечено е 28-годишно момче.

„Вчера се откажав од секаква надеж. Ноктите ми беа побелени, а устата испукана. Не верував дека некој ќе дојде по мене. Бев сигурен дека ќе умрам“, вели Риши Канал, преживеан од земјотресот.

Хуманитарна помош пристигнува, но таа тешко се транспортира до најдалечните региони. 

„Изутрината имавме координативна средба со локалните власти, со другите спасувачки тимови и претставници на ОН. Направивме план како да дејствуваме во областите кои се тешко достапни“, изјави Жил Ду Боис, шеф на спасувачка мисија.

Туристите масовно го напуштаат Непал. Два руски авиона евакуираа стотина туристи од Русија, Казахстан и Латвија.

„Продавниците се затворени, нема вода, нема храна. Ние бевме на планина кога се случи земјотресот, беше навистина страшно“, вели еден турист.

Според последните податоци, повеќе од 5 илјади луѓе го загубија животот во катастрофалниот земјотрес, додека 10 илјади се загрозени.

 

Марија Петковска