Локализиран пожарот во близина на Чернобил

29.04.2015 16:56

Пожарот што изби вчера во близина на напуштената нуклеарна централа Чернобил, утрото е локализиран, јавува Танјуг.

Од утрото пожарот близу Чернобил е ставен под контрола, соопштува државната служба за итни случаи. Пожарникарите и натаму го гаснат огнот на одредени места, се наведува во соопштението.

Поставен е команден центар на местото на пожарот како и група за брза реакција, пренесува агенцијата Тас. Министерот за внатрешни работи на Украина Арсен Аваков на својот Фејсбук профил напишал дека се сомнева дека пожарот е намерно предизвикан. Иако засега не претставува опасност за затворената нуклеарна централа зашто пожарот е оддалечен 15 -20 километри, растенијата што горат околу се полни со радијација и предизвикуваат штетно дејство за околината, изјавиле украинските стручњаци.

Нуклеарката Чернобил згасна во 1986 година поради најголемата нуклеарна катастрофа во историјата на човештвото настаната од експлозија во реакторите.