Вардар може да биде крунисан уште наредната среда
Според системот којшто ФФМ го воведе оваа сезона, во овој круг шесте најдобри тима ќе одиграат пет кола по Бергеров систем, секој со секого само уште по еднаш. Четирите последни на табелата, пак, ќе одиграат уште шест кола...

Прволигашките фудбалски клубови кај нас го одработија третиот круг од годинашното првенство, по што поделени во две групи ќе продолжат да се надигруваат во последната фаза, којашто ќе биде своевиден плеј-оф и плеј-аут.
Според системот којшто ФФМ го воведе оваа сезона, во овој круг шесте најдобри тима ќе одиграат пет кола по Бергеров систем, секој со секого само уште по еднаш. Четирите последни на табелата, пак, ќе одиграат уште шест кола, но секој со секого по двапати, дома и на гости. Парадоксално, тоа значи дека на крајот на шампионатот, тие ќе имаат по пет меѓусебни меча и по еден натпревар повеќе отколку оние во првата шесторка. Од нив, пак, некој ќе биде во ситуација да биде домаќин, а некој да гостува на три од четирите меѓусебни дуели со конкурентите.
Настрана ваквите нелогичности, ситуацијата е таква што многу е можно шампионската трка да биде решена веќе нардната среда, кога ќе биде на програмата 29-то коло. По вчерашниот триумф на Вардар над Работнички од 2-0 во дербито меѓу водечките, „црвено-црните“ побегнаа на шест бода пред бранителот на титулата. Ако во следното коло викендов победат и двете екипи, Вардар со Металург, а Работнички со Силекс, во новиот меѓусебен двобој закажан за седум дена ќе влезат во специфични околности. Со триумф во таа нова нивна дерби-пресметка, „вардарци“ би се оддалечиле на девет бода и во таков случај, затопа што до крајот би преостанале само уште три кола, Работнички ниту теоретски не би можел да го достигне минусот. Ќе има негативен меѓусебен биланс од три порази и само едно реми во четирите сезонски соочувања, што значи дека уште тогаш би се нашол во ситуација да му ја честита титулата на големиот ривал.
