Атланта поведе со 3 : 2, Мемфис во следната фаза

30.04.2015 09:52

Домашните го добија првиот период со 33 : 16, но до полувремето Бруклин намали на 9 разлика, која “јастребите“ умешно ја контролираа до крајот. Карол беше најефикасен со 24 поени, а Хорфорд и Тиг додадоа по 20...

Перо Антиќ постигна 8 поени, имаше 4 скокови и по една асистенција и блок за 18 минути игра во победата на Атланта над Бруклин со 107 : 97. Домашните го добија првиот период со 33 : 16, но до полувремето Бруклин намали на 9 разлика, која “јастребите“ умешно ја контролираа до крајот. Карол беше најефикасен со 24 поени, а Хорфорд и Тиг додадоа по 20. Кај гостите резервистот Андерсон беше најдобар со 23 поени а јунакот од претходниот меч Вилијамс овојпат постигна само 5 поени. Атланта поведе во серијата со 3 : 2 и ќе гостува во шестиот натпревар во Њујорк.

Во меѓувреме на западот, Мемфис ја заврши серијата со Портланд со 4 : 1 во победи и во полуфиналето ќе игра со Голден Стејт. Популарните “гризлис“ не дозволија кикс на свој паркет и со триумф од 99 : 93 го елиминираа ривалот, кој до завршните моменти беше во игра. Блескава вечер имаше центарот Марк Гасол со 26 поени и 14 скокови, а бекот Кортни Ли придодаде 20 поени. Гостите беа предводени од Лилард со 22 поена и Олдриџ со 14, но освен нив ниту еден соиграч не успеа да постигне двоцифрен број поени. Последниот ден од април Милвоки го пречекува Чикаго при негатива од 2 :3 во серијата, а шампионот Сан Антонио со идентична предност го пречекува ЛА Клиперс.