Непал: Пет дена по земјотресот- под урнатините спасени момче и бебе
Тимовите за спасување се борат со нов непријател- дождот. Расте напнатоста и тензијата кај преживеаните. Жителите од подалечните области, кои за миг изгубија се што имаа, револтирани се бидеејќи до нив тешко пристигнуваат основните производи кои им се неопходни...

Чуда се случуваат. Иако пет дена по катастрофалниот земјотрес, речиси никој не верува декa има преживеани под урнатините, спасувачките екипи извлекоа 15– годишно момче и четири месечно бебе.
„Навистина е тешко да се дојде до затрупаните. Ни кажаа дека слушнале како некој вика од под урнатините. Нашата екипа веднаш отиде и успеавме да го спасиме момчето“, вели еден член на спасувачка екипа.
Тимовите за спасување се борат со нов непријател- дождот. Расте напнатоста и тензијата кај преживеаните. Жителите од подалечните области, кои за миг изгубија се што имаа, револтирани се бидеејќи до нив тешко пристигнуваат основните производи кои им се неопходни. Ја обвинуваат владата за недоволна грижа и бараат помош за да го напуштат регионот.
„Дождот не престанува да паѓа. Немаме никакви услови. Немаме каде да се засолниме, луѓето се разболуваат... Овде не е безбедно, постојано земјата се тресе“, велат двајца преживеани од земјотресот.
Обединетите нации упатија апел за помош. Според организацијата неопходни се 415 милиони долари за основни услови за живот и санирање на околу 70 илјади домови. Парите треба да бидат донирани во следните три месеци.
„Денеска на аеродромот во Катманду пристигнаа неколку авиони со питка вода, храна, хигиенски средства, ќебиња и се што му е потребно на населението“, изјави Жак Симон, УНИЦЕФ.
Амриканскиот претседател Обама во телефонски разговор со премиерот Коирала, му ветил помош во вредност од 10 милиони долари и војска која ќе помогне во евакуација на населението.
Според последните проценки повеќе од 5.500 луѓе го загубиле животот, а над 11 илјади се ранети, но локалните власти стравуваат дека бројот на загинати ќе расте и во наредните денови.
Марија Петковска
