Касаи ќе скока до 2026 !
42-годишниот ветеран се уште сериозно не планира да ја заврши кариерата. Не само што сака да учествува на наредните Зимски Олимписки Игри во корејски Пјеонгчанг, туку размислува да се натпреварува и на подоцнежните олимпијади...

Тоа што веќе е длабоко навлезен во петтата деценија од животот и што како двојно повозрасен на некои од ривалите може да им биде татко, не го спречува јапонскиот скокач Норијаки Касаи да размислува долгорочно, како да е на самиот почеток на кариерата. 42-годишниот ветеран се уште сериозно не планира да ја заврши кариерата. Не само што сака да учествува на наредните Зимски Олимписки Игри во корејски Пјеонгчанг, туку размислува да се натпреварува и на подоцнежните олимпијади.
„Наредна цел ми е да освојам злато во Пјеонгчанг 2018 и сакам да го направам тоа пред моето семејство. Кога наполнив 40 години, решив дека ќе се пензионирам на 50. Но, моето родно Сапоро е кандидат за Игрите во 2026, кога ќе имам 54 години, а тоа би било шанса којашто не сакам да ја пропуштам“, изјавил Касаи за Јапан Тајмс, по прославата на 90-годишнината од формирањето на јапонската скијачка асоцијација.
Шестопласираниот во годинашниот Светски Куп си поставува високи стандарди за 2018, но и за поблиската иднина.
„Една од целите наредната сезона ќе ми биде да го урнам мојот рекорд за највозрасен победник во натпревар од Светскиот Куп, а секако и да го освојам големиот кристален глобус“, вели Касаи.
И по 26 години активна професионална кариера, на јапонскиот евергрин не му недостига неопходната мотивација.
„Мина цела година од Игрите во Сочи, а добив беброј понуди за гостувања во ток-шоуа. Губев многу време, но во ниеден момент не забавив со тренинзите. Сакам и уживам да тренирам“, вели човекот којшто во специфичниот спорт од година во година ги поместува човечките граници и можности.
Само едно нешто може да го спречи да ја продолжи кариерата за уште една деценија – ако Сапоро не ги добие ЗОИ 2026.
„Во тој случај ќе се пензионирам кога ќе наполнам 50 години“, најавува Нориаки Касаи.
