Атланта со решавачки триумф над Бруклин, на ред е Вашингтон
Победникот беше решен во третиот период кој Атланта го доби со 41 : 21 кога потсети на блескавите моменти од регуларниот дел од сезоната во која оствари 60 победи...

Кошаркарите на Атланта славеа на гостувањето против Бруклин со 111 : 87 и триумфираа во серијата со 4 : 2. Најдобриот тим на истокот влезе решително во мечот со осморангираниот противник и ја доби првата четврина со 36 : 23, но до полувремето домашните намалија на 6 разлика. Победникот беше решен во третиот период кој Атланта го доби со 41 : 21 кога потсети на блескавите моменти од регуларниот дел од сезоната во која оствари 60 победи. Пол Милсап со 25 поени и 9 скокови беше меѓу најзаслужните за триумфот, заедно со Кајл Корвер и Демар Керол кои уфрлија по 20 поени, додека Ал Хорфорд имаше 18. Перо Антиќ одигра 10 минути, но го заврши мечот без упатен удар кон противничкиот кош. Во составот на Бруклин Брук Лопез постигна 19 а Дерон Вилијамс скромни 13 поени.
Во следната рунда Атланта ќе игра со Вашингтон, а серијата ја почнува утревечер на свој паркет. Во втората полуфинална пресметка на истокот Кливленд најпрвин му е домаќин на Чикаго, а на западот Голден Стејт ќе стартува на свој терен против Мемфис. Хјустон го чека противникот кој ќе биде познат во раните утрински часови по мајсторката меѓу ЛА Клиперс и Сан Антонио, која се игра во “Стејплс центарот“.
