10 дена убав филм на ИФФК „Браќа Манаки“
Наместо седум, фестивалот ќе трае десет дена со збогатена програма. Фестивалот исто така ќе биде промовиран во рамки на Филмскиот фестивал во Кан од 13 до 24 мај, а повод за претставувањето е 110 години од творештвото на браќата Милтон и Јанаки Манаки...

Под мотото „Филмот е убав“ годинава Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 18 до 27 септември. Наместо седум, фестивалот ќе трае десет дена со збогатена програма. Фестивалот исто така ќе биде промовиран во рамки на Филмскиот фестивал во Кан од 13 до 24 мај, а повод за претставувањето е 110 години од творештвото на браќата Милтон и Јанаки Манаки.
Во Кан ќе бидат презентирани сите релевантни материјали за Фестивалот, за градот Битола, за градот Битола како филмски град, за она што досега се направило и она што сакаме да го направиме. Ова е можност да направиме добра презентација на Фестивалот, истакна директорот на фестивалот, Димитар Николов.
Николов ги соопшти и новите програми што ќе бидат вклучени во Фестивалот. Станува збор за „Нов европски филм“ и „SЕЕ Camera“.
Градоначалникот на Битола, Владимир Талески рече дека за Канскиот фестивал подготвиле исклучително значаен материјал и ќе се претстават со се она што значи Битола и целиот регион. Додаде дека деновиве подготвуваат тендер да ја понудат маркицата на заинтересирани филмаџии да изградат филмски студија и во Битола.
