Македонија лидер во регионот по економски слободи

14.01.2014 15:46

Македонија е рангирана на 43-то место од 184 земји, според индексот на економски слободи за 2014-та година

Македонија е рангирана на 43-то место од 184 земји, според индексот на економски слободи за 2014-та година, што денеска, заеднички го објавија Фондацијата „Херитиџ“ и „Волстрит журнал“. Ова за нас е најдобро рангирање досега.

43-ти во светот, а лидери во регионот. Македонија и годинава високо котира при мерењата на економските слободи, што ги прават Фондацијата Херитиџ и Волстрит журнал. Годинава сме го подобриле индексот за 0,4 поени, на вкупно 68.6, што претставува наш најдобар резултат, откако сме вклучени во рангирањето пред повеќе од 10 години.

Во изминатава година сме се подобриле во 9 од 10 категории: кај бизнис и трговските слободи, фискалните слободи, јавната потрошувачка, монетарната, инвестициската и финансиската слобода, слободата на пазарот на труд, владеење на правото и во делот: заштита на сопственост и корупција. Напредок сосема доволен за да го оствариме нашиот најдобар резултат.

Во Извештајот за земјава стои дека банкарскиот сектор добро се справил со кризата, била задржана фискалната дисциплина и монетарната стабилност. Сепак, мерењата покажале дека корупцијата се уште е сериозен проблем во земјава, особено во делот на јавните набавки, а судскиот систем се уште е подложлив на политички влијанија. Предизвици и слабости се нотирани и кај заштитата на сопственичките права.

Од земјите во регионот, Албанија е на 54-то место, Бугарија и Романија на 61 и 62, Црна Гора на 68, Словенија е 74, а Хрватска на 87. Србија и Бих се на дното од регионалната листа, на 95, односно 101 место.

Во групата земји со целосни економски слободи се Хонгконг, Сингапур и Австралија, а на дното се Куба и Северна Кореја.

Македонија и лани беше на 43-то место, но тогаш имаше рангирано 177 земји.

 

Новинар: Мартин Пушевски