„Безљубни“- премиерно на сцената на Драмски театар
Утревечер во Драмскиот театар ќе биде изведена третата премиера за годинава. „Безљубни“ е претстава по текст на Благица Секулоска, во режија на Златко Славенски...

Приказна за човештвото оптoварено од материјализам. За недостигот од љубов, нерасчистеното минато, стравот од сегашноста и од иднината. Во „Безљубни“ игра најмладиот дел од ансамблот на Драмски. Актери кои допрва ќе го понесат товарот на театарот, вели директорот Вељановски.
„Секој проблем кој се детектира треба да се настојува да се реши што е можно побрзо за да не страдаме, да не не боли“, вели актерката Сања Арсовска.
Во партијата шах, некои ќе изгубат глава, некои ќе добијат предност, но на крајот љубовта е таа која на сите ќе им го зададе шах –матот. „Безљубни“ е мојот одговор на овој испразнет од вредност свет, крик за вистина, крик за љубов, вели авторката Секулоска.
„Она што е најбитно, јас ќе цитирам- Ако љубов немаш, ништо не си“, рече Благица Секулоска, автор на драмскиот текст.
Драмата е приказна за пет лика-вистинската, вистинскиот, погрешната, погрешниот и љубовникот, кои стануваат заложници на самите себе, заложници на единствената важна работа- љубовта.
„Оваа претстава се бави со проблемот на стравот, стравот на останување сам и по цена на тоа просто ја изгубите и најбитната работа во живтот, а тоа е љубовта“, вели актерката Наташа Петровиќ.
Во претставата се покажува дека сите ние сме онакви какви што сакаме да бидеме и имаме љубов колку што сме спремни да ја дадеме, рече режисерот Златко Славенски. Текстот за претставата „Безљубни“ беше награден пред четири години на конкурсот „Коле Чашуле“ на МНТ, а сега конечно ќе заживее на сцената на Драмски театар.
Александра Перевска
