Заштита на филмското наследство: Дигитализаирани филмовите на Манчевски

06.05.2015 14:29

„Пред Дождот“, „Сенки“, „Прашина“ и „Мајки“ , ќе бидат соодветно сочувани како сведоштво за развојот на македонската кинематографија и креативност...

Филмскиот опус на нашиот национален уметник Милчо Манчевски е ремастериран и дигитализиран во лаборатории во Минхен и Лондон. „Пред Дождот“, „Сенки“, „Прашина“ и „Мајки“ , ќе бидат соодветно сочувани како сведоштво за развојот на македонската кинематографија и креативност.

„Еден од првите филмски автори во Македонија кој успеа во еден важен период по осамостојувањето да ја запознае светската јавност и филмската критика со македонската филмска уметност“, изјави министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

Овој проект се реализира по повод 20-годишнината од премиерата на „Пред Дождот“ првиот филм на Манчевски кој освои награда „Златен лав“ во Венеција.  Од 7-ми до 10-ти мај ќе се одржи и ретроспектива на неговото творештво во кината „Милениум“ и „Фросина“.

„Билетите за проекциите и за журките после нив се бесплатни. На тој начин сакавме што повеќе публика да дојде и да ужива во филмските дела на Манчевски и да може да се запознае со него лилно“, вели Роберт Насков, претседател на Друштвото на филмските работници на Македонија.

Чуварот на македонското филмско наследство- Кинотеката на Македонија, досега ги дигитализираше филмските опуси на бардовите на македонската кинематографија, Љубиша Георгиевски и Столе Попов, филмовите на браќата Манаки и документарниот филм „Македонија во слики“ на Арсениј Јовков.

„Дигитализацијата не е значајна од аспект само на заштита на филмското наследство, туку и од аспект на достапност на колекциите до пошироката јавност и презентација на филмското наследство“, смета Мими Ѓогоска Илиевска, директор на Кинотеката на Македонија.

За дигитализација на сите филмови досега, од буџетот се издвоени околу 17 милиони денари. Целта е, истакна министерката Канческа, светот да зборува за филмската уметност која се создава во Македонија и за нашите уметници како носители на врвни светски признанија и награди.

 

Александра Перевска