Сараево: Закана дека ќе ја кренат во воздух зградата на телевизијата

07.05.2015 16:02

Главниот директор на БХРТ Мухамед Бакаревиќ рекол дека пораката со текстот „Ќе ја кренеме во воздух зградата на БХРТ“ стигнала синоќа во редакцијата на информативната програма...

Босанскохерцеговачката радио-телевизија (БХРТ) примила порака со закана дека нивната зграда во Сараево ќе биде крената во воздух. Зголемени се мерките на безбедност и се спроведува истрага, потврдила портпаролката на Државната агенција за истрага и заштита(СИПА) Кристина Јозиќ. Информирано е и обвинителството на БиХ, пренесува весникот „Дневни Аваз“.

Главниот директор на БХРТ Мухамед Бакаревиќ рекол дека пораката со текстот „Ќе ја кренеме во воздух зградата на БХРТ“ стигнала синоќа во редакцијата на информативната програма. Бакаревиќ рекол дека веднаш пријавиле на надлежните служби за заканата и го зголемиле степенот на безбедност во објектот.

БХРТ заедно со РТВ на Федерацијата БиХ и РТВ на Република Српска е дел од јавниот сервис во БиХ. Седиштето е во зградата на РТВ во новиот дел на Сараево, изградена пред зимските олимписки игри во 1984 година.