Претседателот Иванов ја прекинува посетата на Москва
09.05.2015 16:30
Ќе биде свикан и Советот за безбедност, по последните случувања во Куманово...

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов ја прекинува посетата на Руската Федерација и се враќа во земјата, информираат од неговиот кабинет.
Оттаму најавуваат дека ќе биде свикан и Советот за безбедност, по последните случувања во Куманово.
За актуелната состојба во Република Македонија претседателот Иванов утрово ги информирал Генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки-Мун, претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, претседателот на Чешката Република, Милош Земан и останатите соговорници, со кои остварил средби во Москва.
Инаку, утрово претседателот Иванов во Москва учествуваше на одбележувањето на 70 годишнината од победата над фашизмот, каде положи цвеќе пред споменикот на „Незнајниот јунак“ и присуствуваше на свечениот прием кој го приредипретседателот на Руската Федерација, Владимир Путин во Големиот дворец на Кремљ.
