Полуфиналниот пораз како судбина
Желбата, мотивите и борбеноста не беа доволни да се анулира квалитетот на Будуќност којшто победи со 27:17. Уште на стартот црногорските ракометарки најавија дека немаат намера првпат сезонава да бидат поразени...

Судбината и историјата се повторуваат, ракометарките на Вардар не можат преку Будуќност до најголемиот клупски успех. Црвено - црните ракометни дами втора сезона по ред се елиминирани од европскиот првак од пред три години во полуфиналето на завршниот турнир на Лигата на шампионите во Будимпешта.
Желбата, мотивите и борбеноста не беа доволни да се анулира квалитетот на Будуќност којшто победи со 27:17. Уште на стартот црногорските ракометарки најавија дека немаат намера првпат сезонава да бидат поразени. Го контролираа и водеа во текот на целиот натпревар, најмногу благодарение на најсилниот дел од играта, одбраната предводена од Волтеринг со 14 интервенции. На полувреме, Будуќност имаше 14:9.
Откако на почетокот на вториот дел не успеаја да ја намалат негативата на помалку од четири разлика, играта на црвено – црниоте се распадна, па ланскиот финалист дојде и до највисоките +10 во 55-та минута и до 11-от триумф во 12-те натпревари сезонава во Лигата на шампионите. Колку за утеха, Вардар е единствената екипа што одигра нерешено со Будуќност и тоа во главната фаза по групи.
Романката кај Будуќност, Неагу постигна 7 гола и со 99 остана прва на листата на стрелците. Исто толку реализираше и Петровиќ. Кај Вардар којшто направи 15 грешки, по четири погодоци дадоа Радичевиќ, Лекиќ и Пенезиќ која со вкупно 93 е втора во конкуренција на најдобрите голгетерки. Суслина и Лено има скромен ефект од од само 11 одбрани заедно.
Првакот од 2011-та Ларвик ќе му биде противник на Будуќност во финалето на вториот фајнл - фор во историјата. До третото финале, Норвежанките дојдоа по победата од 31:22 против руски Динамо Волгоград со којшто вардарки утре ќе играат за да го одбранат третото место од минатата сезона.
