ЖРК Вардар повторно „само“ трет во Лигата на шампионите
Врвот на континентот е недостижен за Вардарки, а третото место во Европа повторно е максимумот на нивните амбиции. Победата од 28-26 над Динамо Синара во малото финале на фајнал-фор турнирот во Будимпешта одново ги поставува само на чекор до најдобрите...

Десетина гола против Будуќност високи како планина ги делеа ракометарките на Вардар од пласман во посакуваното финале на Лигата на шампионките. Црногорките ја освоија европската титула со убедливиот триумф над Ларвик oд 26-22 во завршната претстава на завршниот турнир на четирите најдобри екипи во Будимпешта. Исто како и лани, вардар повторно се утеши со третото место.
Врвот на континентот е недостижен за Вардарки, а третото место во Европа повторно е максимумот на нивните амбиции. Победата од 28-26 над Динамо Синара во малото финале на фајнал-фор турнирот во Будимпешта одново ги поставува само на чекор до најдобрите. Иако претходно во вториот групен сегмент на гости убедливо загуби од него, а во Скопје славеше само со еден гол разлика, нашиот тим нешто потешко од очекувањата го скрши отпорот на рускиот ривал. Психолошките траги од саботниот полуфинален пораз од Будуќност беа видливи во играта на Вардар, но без оглед на се, и покрај просечното издание, на крајот се радуваше во последниот настап во унгарскиот главен град.
Мечот беше неизвесен и драматичен со дури 11 израмнувања и со неколку промени на водството, а македонската екипа се покажа поснаодлива во завршницата. На полувреме беше 16-15 за Вардар, во продолжението се играше гол за гол, нашиот тим неколкупати имаше два разлика, но противникот не се откажуваше се до последната минута, кога Вардар првпат поведе со три погодока, 28-25. Динамо не можеше да се врати.
Откако не се прослави во полуфиналето, Андреа Пенезиќ беше најефикасна ракометарка на Вардар во борбата за третата позиција со девет постигнати гола. Андреа Лекиќ даде три. Во рускиот тим, Ана Кочетова беше прв стрелец со осум погодоци.
