Теорија постои, но навидум се е јасно
Промоцијата на првакот и на екипите што ќе одат во понизок ранг може да биде порано од завршните пресметки. Вардар се надева дека ќе го врати тронот уште утре, а на дното Пелистер и Турново ќе го одиграат клучниот дуел в сабота. На врвот, сепак, работите се појасни...

Во фудбалскиот шампионат на Македонија остануваат уште 15 натпревари. Промоцијата на првакот и на екипите што ќе одат во понизок ранг може да биде порано од завршните пресметки. Вардар се надева дека ќе го врати тронот уште утре, а на дното Пелистер и Турново ќе го одиграат клучниот дуел в сабота. На врвот, сепак, работите се појасни.
Во утрешното 30-то коло, Шкендија ќе го пречека Вардар, Работнички ќе се сретне со Металург, а Ренова ќе игра со Силекс. Дистанцата меѓу екипите што се на првите четири позиции е идентична - шест бода. Тоа значи дека мали се шансите да има поместувања на табелата.
Теоријата дозволува да има најмногу две ротации кога е во прашање нашиот водечки фудбалски квартет. Но за да се случи тоа Ренова и Работнички треба да освојат максимални шест бода во наредните две кола, а потоа да одиграат нерешено во меѓусебниот дуел на последниот натпреварувачки ден. Со евентуални порази на Вардар и на Шкендија од Силекс и од Металург на 24-ти мај, можна е ротација на двата скопски и на двата тетовски тима. На тој начин Работнички ќе ја одбрани титулата, а Ренова ќе ја потисне Шкендија.
Сепак, тоа е малку веројатна опција според се што се случуваше во оваа сезона. Вардар уште утре во Кичево против Шкендија може да го обезбеди осмиот шампионски пехар. За да се случи тоа потребно е да победи, а дали ќе биде така ќе видиме во снимката на Собраниски од 21 и 30. Дури и во случај Работнички да слави над Металург, негативата во однос на црвено-црните би останата шест бода, а „дебармаалци“ имаат полош меѓусебен биланс.
Слична е трката за третото место меѓу Шкендија и Ренова, со таа разлика што „гипсарите“ имаат подобар ефект во соочувањата под Шара. Шкендија создаде позитива од шест бода, па затоа сама решава за третото место коешто сигурно обезбедува настап во Европа. Таквата привилегија ќе биде возможна и за четвртопласираниот, но само доколку Работнички го освои купот во финалето со Тетекс наредната среда на 20-ти мај.
Во делот за опстанок во најквалитетното друштво, Турново има плус четири во однос на Пелистер во битката за осмата позиција и за бараж со третопласираниот од Втората лига. Затоа во прв план наредниот викенд е нивната пресметка во Прилеп. Ако пелистерци загубат, за нив се ќе биде готово. Со реми, за битолчани се уште ќе постои теорија, но Турново ќе остане на иста предност, а ќе има само уште два меча до крајот на сезоната. Брегалница е речиси сигурна на седмото место, а Тетекс одамна е во понизок натпреварувачки ранг.
