Фудбал

До последен здив

12.05.2015 12:01

Со феноменален капитал од 3:0 Барса слета во Минхен. Баерн бавно ги лекува последиците од тешкиот нокаут на Ноу Камп и се надева на чудо...

Сеуште е силно дејството на фудбалската магија на Меси, а веќе следи нова битка! Завршната меѓу Баерн и Барселона на патот кон финалето во Берлин. Со феноменален капитал од  3:0 Барса слета во Минхен. Баерн бавно ги лекува последиците од тешкиот нокаут на Ноу Камп и се надева на чудо. Но, историјата на европскиот фудбал и статистиката не се благонаклони за Баварците: никој досега во оваа натпреварувачка фаза не успеал во реваншот да надомести резултат од 0:3!

„Наша желба и настојување е да се обидеме до крај,до последен здивДо финалето можеме само ако играме подобро од Барселона“- вели Пеп Гвардиола. Оваа сезона Баерн ја надигра Рома со 7:1, Шахтјор со 7:0, Порто во ¼ финалето со 6:1. Можеби Баварците веруваат во реинкарнација на претставата од предминатата сезона кога ја испратија  Барсаод Алијанс Арена со 4:0! Но,факт е дека актуелниот момент на германскиот гигант е сега многу поразличен. Баерн на последните четири натпревари е очаен, без победа , 6 натпреварувачки часа без постигнат гол.Со повредите на Робен и Рибери како да исчезна и полетноста во играта, па финалето од Лигата на шампионите изгледа како недостижен сон!

На спротивната страна Барселона е во полн налет. Во серија е од седум последователни победи без примен гол.Командантот од одбраната на Каталонците, Хавиер Масчерано мирно резонира:„Треба да го заборавиме резултатот од Ноу Камп и да играме на нова победа. Секој поинаков пристап би бил погрешен.Ќе се обидеме да нападнеме, впрочем не знаеме да играме поинаку.Да дадеме гол, е нашата фудбалска филозофија.“

Баерн ќе мора да игра напаѓачки, а Барселона со Меси, Неимар и Суарез го има најдобриот контранапад на светот. Што од сето тоа ќе се изроди, аква ќе биде претставата што ќе ја понуди вечер Алијанс Арена еден од стадионите, на кој ништо не може да се гарантира? Можен ли е подвиг на Баерн Минхен? Легендарниот Франц Бекенбауер вели: Да, но само ако Баерн одигра еден од оние мечеви, кои подоцна влегуваат во литературата, како натпревари на столетието.“