Непал не престанува да се тресе: Најмалку 29 жртви, 1.000 повредени во последниот земјотрес

12.05.2015 14:50

Епицентарот бил на длабочина од 19 километри под земјата, во непосредна близина на Монт Еверест. Луѓето во паника ги напуштале домовите. Властите веднаш го затвориле главниот аеродром...

Додека жителите на Непал закрепнуваат од трагедијата што ја доживеаја од разорниот земјотрес што се случи пред две недели, денеска нов силен земјотрес од 7.4 степени според Рихтер го затресе непалското тло. Според првичните информации загинале 29  лица, а повеќе од 1.000 се повредени во Катманду. Повредени и загинати има и во Индија.

„Предмалку почувствувавме силен земјотрес и истрчавме од зградата за да се спасиме. Се обидуваме да стапиме во контакт со семејствата, да видиме дали се добро“, вели еден сопственик на хотел.

Епицентарот бил на длабочина од 19 километри под земјата, во непосредна близина на Монт Еверест.  Луѓето во паника ги напуштале домовите. Властите веднаш го затвориле главниот аеродром. Училиштата и продавниците се затворени. Жителите во страв и исчекување  на нов земјотрес, седат на улиците. Полицијата апелира граѓаните да останат смирени и да бидат на отворено. Спасувачките екипи се на терен.

„Се обидувам да се јавам дома, но телефонските линии не работат, загрижена сум за семејството“, изјави една жителка.

Ова е најсилниот потрес по катастрофалниот земјотрес од 25 април, во кој загинаа повеќе од  8.000 луѓе, а околу 18.000 беа повредени. Земјотресот предизвика и огромна материјална штета.

 

Марија Петковска